Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги потврди имињата на новите градоначалници во четири општини. За градоначалници беа потврдени Ваљбон Лимани и Исен Шабани од Националната алијанса за интеграција, Онер Јакуповски од коалицијата „Твоја Македонија“ и Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, кои ќе раководат со општините Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа.

Потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, изјави дека Комисијата ги задолжува општинските изборни комисии да постапат согласно Изборниот законик и веднаш да ги објават конечните резултати од гласањето одржано на 11 јануари.

Ангелчо Ристов од ДИК се осврна на гласачкото место во Гостивар каде што не било спроведено гласање.

„Пред да пристапи Комисијата кон објава на конечни резултати, ДИК мора да донесе одлука за не спроведување на гласање на избирачкото место 0782 за општина Гостивар, на кое избирачко место на 11 јануари, во согласност со членот 104 став 2 од Изборниот законик, поради лошите временски услови, не беше спроведено гласање“, појасни Ристов на почетокот на седницата.

Тој додаде дека на ова избирачко место биле запишани само 23 гласачи со право на глас и дека бројот на запишани избирачи не влијае врз конечниот исход и односот на освоените гласови меѓу кандидатите за градоначалник.

Exit mobile version