Потпишан Меморандум за дипломатска обука меѓу Македонија и Црна Гора
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на заменик-претседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
На средбата, двајцата министри се согласија дека посетата претставува потврда за одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји, засновани на заемна поддршка и почитување.
Министрите изразија задоволство од нивото на политичкиот дијалог и оценија дека постои простор за натамошно зајакнување на економската и трговската соработка.
Акцентот на разговорите беше ставен на пристапните преговори со Европската Унија и можностите за размена на искуства во насока на полноправно членство. Со посебен акцент се осврнаа на процесот на европската интеграција на двете земји.
„Заемната поддршка која ја искажуваме на планот на европската интеграција претставува најдобар пример за нашата одлучност за напредок на овој план, кој ќе ни обезбеди сигурност, стабилност и напредок во просперитетна Европа, кон која целиме“, истакна министерот Муцунски во изјавата по средбата.
Во оваа насока, црногорскиот министер Ибрахимовиќ додаде дека земјите од Западен Балкан заеднички чекорат кон Унијата и дека секој успех на било која земја од регионот е добра вест за сите.
Во рамки на посетата, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете министерства за надворешни работи во областа на дипломатската обука, со што се отвораат дополнителни и конкретни можности за интензивирање на меѓусебната соработка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа