Граѓаните на Гостивар повеќе од еден месец се соочуваат со проблемот со загадената вода за пиење, при што над 4.700 лица побарале медицинска помош, а одговорност од надлежните сè уште нема, обвинуваат од опозициската СДСМ.
Членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција порача дека институциите целосно потфрлиле во заштитата на здравјето на луѓето.
„Граѓаните на Гостивар бараат чиста вода и одговорност за труењето. Досега го нема ниту едното, ниту другото. Не може цел град да биде отруен, владата да им кажува дека дека водата може да се користи па потоа дека има бактерии, а никој да не сноси одговорност. Не може институциите да потфрлат и да не го заштитат здравјето на луѓето и никој да не одговара“, изјави Поповиќ.
Од СДСМ реагираат и на спротивставените изјави од претставниците на власта во врска со исправноста на водата.
„Со последната изјава Клековски призна дека во водата во Гостивар имало „многу различни бактерии и вируси“. А премиерот Мицкоски ги уверуваше граѓаните дека водата е технички исправна. Ако водата билна полна со бактерии како тврдеа дека е исправна и може да се користи како „техничка“? Никогаш не беше објавена анализа, извештај за водата, кој дозволил и дал одобрение. Само затоа што „експертот“ што соопшти беше Мицкоски“, истакна Поповиќ.
Таа додаде дека состојбата во Гостивар претставува сериозна здравствена криза и побара итна реакција од правосудните органи.
„Нема поголем скандал, ниту поголема неодговорност од вакво поигрување со животот на граѓаните. Ова ова е здравствена катастрофа, тотален хаос и распад на институциите. И одговорност мора да има! Доста молчи Јавното обвинителство. Савески наместо на еккурзија мора да реагира веднаш. Мицкоски, Клековски, Тошковски и сите инволвирани мора да одговараат!“, заклучи Поповиќ.


