Поплавена градинката во Крива Паланка

Временските непогоди кои ја зафатија Крива Паланка предизвикаа поплави и во градинката во Крива Паланка.

Како што соопшти Центарот за управување со кризи, противпожарната бригада вршела испумпување вода од простории на детската градинка во градот. Биле поплавени и подрумски простории во Крива Паланка, каде водата сама се повлекла. Имало отсечен пат во селото Станци, и се работи на расчистување.

ЦУК објави дека во изминатото деноноќие, до нив стигнале рекордни 2.778 повици од целата држава, најмногу заради невремето.

Граѓаните пријавувале штети и во Скопско, Кумановско, Велешко, Кавадаречко, источниот дел на Пелагонија и делови од Мариово и во други делови од државата.

Невремето предизвика паднати и навалени дрвја, скинати проводници, навалени бандери, проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли, поплавени куќи, подрумски простории и гаражи, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради, за оштетени патнички моторни возила, паднати огради, блокирани улици.

Синоќа имаше пријава и за камион кој заглавил со предните две тркала кај ресторан „Јавор“, месност „Камен Дол“, на патот помеѓу Росоман и Прилеп. Интерввенираше противпожарната бригада во Кавадарци и камионот беше извлечен.

Граѓаните се уште треба да бидат внимателни заради можно невреме. Од УХМР известија дека денес во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи. Инаку, за време на викендот и во понеделник времето ќе биде стабилно и потопло, а повторно дестабилизирање се очекува од вторник.

28.06.2024 - 12:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега