Руски воен хеликоптер „Ми-8“ накратко го нарушил воздушниот простор на Полска, откако летал од руската Калининградска област кон границата со Полска, соопшти Оперативната команда на полските вооружени сили.

Инцидентот се случил денеска, 23 септември, околу 11:08 часот, северно од градот Бранево. Според полската страна, хеликоптерот навлегол приближно 300 метри во полскиот воздушен простор и таму се задржал 42 секунди, додека летот бил непрекинато следен преку полските радарски системи.

Како реакција на нарушувањето, Полска веднаш подигнала борбени авиони, додека копнените сили и средствата за противвоздушна одбрана биле ставени во состојба на зголемена готовност.

Од полската Оперативна команда оценија дека карактерот на инцидентот укажува на тоа дека Русија повторно ја тестира подготвеноста на полската воздушна одбрана. Сепак, засега нема јавно потврдена информација за точната намера на руската страна, а инцидентот се случува во период на зголемена безбедносна готовност поради воените активности поврзани со војната во Украина.

Exit mobile version