Околу половина од жителите на Киев денеска останаа без електрична енергија поради новиот бран руски напади врз енергетската инфраструктура, соопшти украинското Министерство за енергетика преку својот канал на „Телеграм“.
„Ситуацијата во Киев е една од најтешките, во моментов околу 50 проценти од потрошувачите се без струја“, наведуваат од министерството.
Русија во последните месеци значително ги засили нападите врз украинските гасни и енергетски капацитети, таргетирајќи производствени објекти и системи за пренос на електрична енергија. Иако во земјата функционираат три нуклеарни електрани кои обезбедуваат повеќе од половина од вкупното производство на струја, нивниот капацитет е ограничен поради оштетени далеководи.
Поради сериозните штети, операторот на електроенергетската мрежа „Укренерго“ воведе рестрикции, оставајќи цели региони без електрична енергија, греење и топла вода. Во изминатата недела, жителите на Киев и поширокиот регион имале струја во просек околу десет часа дневно.

