Голем прекин во водоснабдувањето утринава зафати клучни институции, судови и трговски центри во централното градско подрачје на Скопје.
Чешмите пресушија точно во 09:00 часот, а причината за ваквиот ненадеен прекин е итно санирање на уличен дефект.
Екипите на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ работат на терен на дефект на затворачите на водоводната линија лоцирана кај булеварот „Крсте Мисирков“ и „Кеј Димитар Влахов“.
Без капка вода во моментов се зградите на МАНУ, Граѓанскиот суд Скопје, Младинскиот културен центар и Универзитетската библиотека.
Рестрикцијата ги зафати и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, трговскиот центар Мавровка, како и трговскиот Ист Гејт.
Водата е исклучена и во дел од Турската чаршија, околу Саат кулата, во населбата Крњево, во зградата на Македонската телевизија, како и на улиците „Петар Ѓеоргиев“, „Отокар Кершовани“ и „Адвокатска“.
Официјалното известување на претпријатието ви го пренесуваме во целост:
„Прекинот ќе почне во 09 часот поради санирање на дефект на затварачи на водоводна линија на булеварот „Крсте Мисирков“ и „Кеј Димитар Влахов“. Без вода ќе бидат МАНУ, Граѓанскиот суд Скопје, Младинскиот културен центар, Универзитетската Библиотека, Универзитетот Св. “Кирил и Методиj”, трговскиот центар Мавровка, дел од Турска чаршија, Саат Кулата, улиците „Петар Ѓеоргиев“, „Отокар Кершовани“ и „Адвокатска“, дел од булеварот „Крсте Мисирков“, Крњево, Македонската телевизија, Ист Гејт. Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ соопшти дека со намален притисок на вода ќе биде ниската зона од Автокоманда до Камник.“


