Преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ остануваат блокирани сè додека не се исполни ветувањето за вклучување на Бугарите и другите групи во Уставот, стои во нацрт-заклучоците од новиот извештај за проширување, што ќе биде објавен денеска.
Како што објави „Јуроњуз“, во извештајот Европската комисија од една страна го пофалува целосното усогласување на земјата со надворешната политика на ЕУ, но од друга, предупредува на блокадата.
Извештајот, исто така, ја нагласил потребата од натамошен напредок во владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
Во овој контекст, „Јуроњуз“ потсетува на изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски од април, кој изрази фрустрација што условите за Македонија постојано се менуваат.
„Без сомнение, кај минатите влади имаше недостаток на исполнување на некои прашања. Но, она што исто така е факт е дека ние сме жртва на премногу билатерализација на процесот на ЕУ“, кажа Муцунски.
Медиумот посочува дека Македонија е кандидат за членство од 2005 година, но досега нема отворено ниту едно поглавје.
Спротивно на ова, Брисел се очекува да го пофали напредокот на Црна Гора и Албанија, кои би можеле да ги завршат пристапните преговори во 2026, односно 2027 година, и да станат членки до крајот на деценијата.

