Пратеничката во словенечкиот Парламент со македонско потекло, Сандра Газинковски, денеска на Комисијата за инфраструктура го презентираше Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за возачи, кој директно ги засега илјадници македонски државјани кои живеат и работат во Словенија.
Предлог-законот, кој на прв поглед е технички, всушност цели кон поедноставување на животот и побрза интеграција на работниците од регионот, соопшти Агенцијата за иселеништво.
Новиот член 68а овозможува носителите на важечка возачка дозвола издадена во Македонија (како и БиХ, Црна Гора, Косово и Србија) да ја заменат својата дозвола за словенечка без повторно полагање на практичниот дел од испитот.
Замената мора да се изврши во рок од првата година по регистрацијата на живеалиштето во Словенија.
Пред замената, носителот на возачката дозвола мора да достави доказ за ментална и физичка способност за управување со возила.
Истата постапка ќе важи и за словенечките возачки дозволи во овие земји.

