Почнува пописот
Во 50 пописни реони во Македонија денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално стартува изутринава во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.
Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера на прес-конференција најавувајќи го денешниот старт на пописот истакна дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.
– По речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните регони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови, истакна Симовски.
Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.
– Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици, кои се говорат во Република Северна Македонија. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика, нагласи Маричиќ.
Министерот за правда потенцира дека пописот е натпартиска статистичка операција и изрази задоволство што сите релевантни поголеми политички партии го поддржале.
Попис во услови на пандемија
Пописот првично требаше да се одржи во април, но се одложи поради пандемијата. Статистичката операција се спроведува по претходно предвидени протоколи. Две третини од попишувачите се вакцинирани, а оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, ќе имат можност да побараат вакцинирани.
Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.
Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести.
Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.
Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски во интервју за МИА истакна дека Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа