Богатиот малтешки бизнисмен, обвинет дека го нарачал убиството на Дафне Каруана Галиција, се појави пред судот денеска, девет години по смртта на новинарката која истражуваше корупција на малиот медитерански остров.
44-годишниот Јорген Фенех е обвинет за соучество во нејзиното убиство и за злосторничко здружување. Негираше вина во исказот пред судот. Доколку судот го прогласи за виновен, му се заканува доживотен затвор.
Новинарката Каруана Галиција беше убиена во 2017 година во експлозија на бомба поставена под нејзиниот автомобил. Убиството ја шокираше Европа и предизвика политички потрес на Малта.
Обвинителите при изјаснувањето во обвинението тврдеа дека бизнисменот Фенех го ангажирал поранешниот таксист Мелвин Теума да најде некој што ќе го изврши убиството. Теума, кој беше осуден на доживотен затвор за убиството, но на крајот доби помилување откако пред властите призна сè, детално откри дека Фенех му исплатил 150.000 евра во кеш за оваа валкана работа.
Теума призна дека ги регрутирал директните извршители и дека планот бил скроен во популарно локално кафуле. По неколкунеделно детално следење на новинарката, тие поставиле експлозивна направа под нејзиното седиште.
Бомбата била детонирана со софистициран далечински управувач од јахта лоцирана на отворено море, во моментот кога еден од соучесниците дал сигнал дека Дафне влегла во возилото. Новинарката починала веднаш на местото на настанот.
Целиот процес се одложуваше со години поради правни натегања околу процедурални прашања. Фенех беше уапсен уште во 2019 година на неговата луксузна јахта во обид за бегство, додека тројцата бомбаши кои ја извршија ликвидацијата и мажите кои ја испорачаа бомбата веќе се осудени на доживотен затвор во 2025 година.


