Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска со длабока тага ја информира јавноста дека почина поетесата, есеистка и доктор на филолошки науки, Славица Свидерска, на 41-годишна возраст.
Свидерска, родена во Битола во 1984 година, остави зад себе богато книжевно и научно творештво.
Славица Свидерска беше лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Факултетот за странски јазици во Тирана. Нејзиното дело се протега низ повеќе жанрови: aвторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017)
Како членка на ДПМ, таа беше преведувана на десетина јазици и добитничка на повеќе поетски награди во земјата и во странство.
Погребот на Славица Свидерска ќе се одржи утре, 13 ноември, од 11:00 до 12:00 часот на Светонеделските гробишта во Битола.

