Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска одржа прес-конференција со шефот на канцеларијата на СЗО во земјава, Аким Али, и деканот на Фармацевтскиот факултет, проф. д-р Зоран Стерјев, на која беа презентирани новините во ажурираната Листа на есенцијални лекови.

Листата е веќе објавена во Службен весник по спроведената ревизија во рамки на Националната платформа за лекови, поддржана од Светската здравствена организација и усогласена со Секретаријатот за законодавство.

По повеќе од една деценија, нашата држава има ажурирана и официјално објавена Листа на есенцијални лекови, базирана на современи стручни и јавно-здравствени принципи. Стручната ревизија беше спроведена во рамките на Националната платформа за лекови, со поддршка од Светската здравствена организација и со учество на релевантни национални институции и засегнати страни, а по финализирањето и усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, Есенцијалната листа на лекови е објавена во Службен весник. Со ажурирањето на оваа листа се овозможува следење на современите достигнувања и препораки во фармакотерапијата, поголем фокус на лекови од приоритетно јавно-здравствено значење, поддршка на клиничкото одлучување и стандардизираното лекување, како и подобро планирање и управување со лековите, потенцираше министерот Клековски.

Новитетот на оваа листа е што за првпат содржи лекови за контрацепција и за никотинска заместителна терапија. Според Клековски, со ова се испраќа порака дека здравствената политика треба да го штити и унапредува здравјето, а не само да лекува.

Новата листа е систематизирана во 28 терапевтски области, со подетално дефинирани подгрупи, дозирани форми, јачини и начини на употреба, опфаќајќи области како заразни заболувања, ХИВ, вирусни хепатити, онкологија, неврологија, кардиологија и репродуктивно здравје.

Паралелно со проширувањето, направена е и рационализација на постојниот состав на листата. Од листата од 2015 година се отстранети лекови кои повеќе не се определени како приоритетни во новиот терапевтски концепт, додека кај одредени лекови е извршена промена на активната супстанција, формулацијата или е предвидена соодветна терапевтска алтернатива. Според извршената споредба, идентификувани се 12 избришани и 193 новододадени лекови/активни супстанции, додаде министерот.

На крајот, Клековски ја нагласи разликата помеѓу Есенцијалната и Позитивната листа на лекови, оценувајќи дека ажурирањето е значаен чекор кон поодржлив здравствен систем.

Exit mobile version