Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, оствари работна средба со министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, на која се разговараше за соработката меѓу Град Скопје и Министерството во пресрет на проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“.
За време на средбата беа разгледани подготовките за 2028 година, мапирањето на културните капацитети, унапредувањето на туризмот и подоброто поврзување меѓу локалните и националните установи. Покрај тоа, Ѓорѓиевски и Сулејмани извршија и увид во градежните работи за реконструкција на Универзалната сала.
Скопје ја заслужува својата културна иднина – заедно ја создаваме! Денеска остварив средба со министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, на која разговаравме за заедничките приоритети во културата и за зајакнување на соработката меѓу Град Скопје и Министерството. Пред нас е голема можност и уште поголема одговорност – „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“. Ова признание треба да остави трајна вредност за градот, како обновени културни простори, поголема поддршка за творештвото и култура достапна за секој граѓанин. Токму затоа, посебно внимание посветивме на подготовките за 2028 година, мапирањето на локациите и културните капацитети, унапредувањето на туристичките потенцијали и поефикасното поврзување на градските и националните установи од областа на културата, истакна Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека Универзалната сала по завршувањето на градежните активности треба да му биде предадена на управување на Град Скопје.
Заедно извршивме и увид во градежните активности на Универзална сала, која по завршувањето на реконструкцијата треба да му биде предадена на управување на Град Скопје и повторно да ги отвори вратите за уметниците и публиката. Универзална сала е дел од душата на Скопје. Симбол на солидарноста што го подигна нашиот град и дом на спомени што ги поврзуваат генерациите. Во неа растеа таленти, одекнуваа аплаузи и се испишуваа едни од најубавите страници на скопската културна приказна. Наша заедничка цел е да ѝ ги вратиме сјајот и значењето што ги заслужува. Повторно да биде место на средби, емоции и културни настани со кои ќе се гордееме, додаде Ѓорѓиевски.
Според него, со координирана работа и јасна визија се создаваат сите услови Скопје достојно да ја претстави титулата во 2028 година.
Со јасна визија, координирана работа и одговорност кон секоја преземена обврска, создаваме услови Скопје достоинствено да ја понесе титулата во 2028 година, а придобивките да останат и за генерациите што доаѓаат. Скопје има душа, има талент и има што да ѝ покаже на Европа!, порача Ѓорѓиевски.


