Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека неговата администрација е во контакт со властите во Куба за можна „зделка“, по американската воена операција во Венецуела во која беше заробен поранешниот претседател Николас Мадуро.
– Наскоро ќе дознаете. Разговараме со Куба и набргу ќе се знаат деталите, одговори Трамп на новинарско прашање за природата на договорот што Вашингтон го бара од Хавана.
Американскиот претседател најави и дека во одреден момент е можна средба со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, која во моментов ги извршува претседателските функции по падот на Мадуро.
Од своја страна, Родригез порача дека нејзината влада мора да ја задржи политичката власт со цел да се зачува стабилноста на Венецуела.
САД претходно соопштија дека по падот на режимот на Мадуро, Куба повеќе нема да добива нафта и финансиска поддршка од Венецуела, упатувајќи повик до властите во Хавана за брз договор со Вашингтон.

