Руската луксузна јахта „Грејсфул“, за која во јавноста се тврди дека е личен брод на рускиот претседател Владимир Путин, се појави на радарот за прв пат по речиси четири години. Данскиот јавен радиодифузен сервис ДР објави дека бродот вчера пловел по северниот брег на Данска, што беше потврдено и од онлајн платформата за следење во реално време „Marinetraffic.com“.

Движењето на луксузното пловило предизвика итна реакција и будно следење од страна на неколку воени морнарици во регионот.

„Вооружените сили редовно ги следат бродовите, вклучително и бродовите на странски држави, што минуваат лично низ данските теснеци и територијални води, користејќи ги капацитетите определени за оваа намена“, потврдија данските вооружени сили за ДР.

Според медиумските извештаи, јахтата била под придружба од неделата наутро од два руски воени брода, а наизменично ја следеле и данската морнарица и германската крајбрежна стража. И покрај ненадејното појавување, сигналот на бродот набрзо повторно исчезнал од јавните платформи за следење.

Историјата на движењето на овој брод покажува дека тој ги напуштил европските пристаништа непосредно пред почетокот на воените дејствија во Украина. Пред руската тотална инвазија, јахтата „Грејсфул“ беше на одржување во Хамбург, Германија, од каде заминала на 7 февруари 2022 година, само 17 дена пред почетокот на војната.

Exit mobile version