Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за „Директно“ на Телма телевизија најави зголемување на владиното мнозинство со уште една партија од опозицијата, односно со Турската Демократска Партија која има пратеник во Собранието, и како што појасни партијата влегува како дел од коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе ги информирам членовите на Извршниот комитет дека во полн ек се преговорите со Турската Демократска Партија да биде дел од владината коалиција, односно да бидам уште подиректен, да биде дел од коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ како најголем партнер во рамките во владината коалиција“, нагласи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека со приклучувањето на турската демократска партија владиното мнозинство се зголемува со уште еден пратеник кој претходно беше во опозицијата во рамките на Европскиот фронт.

„Очекувам овие разговори да завршат успешно, разговараме за подолг период, за период во овој момент којшто би завршил со завршувањето на локалните избори во 2029 година. Така што принципиелно на овој начин би се формирал новиот владин кабинет. Во прва фаза би имале некаде околу смени, во зависност како ќе се завршат преговорите со ТДП така ќе имаме дополнително уште еден член во рамките на владината коалиција, а потпретседателот за добро владеење нема веќе да има како ресор во рамките на влада, туку тоа портфолио директно ќе биде под ингеренциите на претседателот на Владата“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Exit mobile version