Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судскиот процес против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица, обвинети за злоупотреби поврзани со работењето на АД „Државна лотарија“.

Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август годинава поднесе обвинителен предлог против осум лица, за кои тврди дека во текот на 2023 и 2024 година заеднички преземале дејствија со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да му нанесат значителна штета на „Државна лотарија“. Според обвинението, штетата изнесува 507.632.173 денари.

На обвинетите им се става на товар кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое е предвидена затворска казна до пет години.

Предметот преку автоматска распределба е доделен на судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа во бегство. Обвинителството побара за него да биде определен притвор од 30 дена, сметано од неговото пронаоѓање.

За Артан Груби, пак, е предложено продолжување на куќниот притвор, заедно со мерките на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Бидејќи обвинителниот предлог е поднесен на 13 август, согласно Законот за кривичната постапка, мерката притвор може да трае најмногу 60 дена, од поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа.

Груби во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце, откако повеќе од 14 месеци беше во бегство. По распитот во Обвинителството, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини му беше определен куќен притвор.

Exit mobile version