Владата на ДПМНЕ повторно остава уште една категорија граѓани на цедило. До Левица стигнуваат дојави од лица со попреченост кои самостојно работат и веќе една година чекаат исплата на средствата што им се должат. Последната исплата била за јули 2025 година, исплатена дури во јануари 2026 година. Оттогаш нема нова исплата, иако луѓето продолжуваат да работат и редовно да ги подмируваат своите обврски. Додека за граѓаните обврските се тековни и не можат да чекаат, за размазената Влада сопствените обврски можат да се одложуваат со месеци, се вели во соопштението од ПП Левица.

„Станува збор за систем на финансиска поддршка преку кој на лице со попреченост што самостојно врши дејност му се овозможува да ги подмирува придонесите за пензиско и здравствено осигурување, а потоа тие средства да му бидат рефундирани преку Посебниот фонд за вработување на лица со попреченост. Наместо попреченоста да биде дополнителна пречка за економска самостојност, механизмот треба да овозможи лицето да работи, да создава приход и самостојно да ја обезбедува својата егзистенција. Кога државата ќе престане да ги исплаќа средствата, целиот трошок останува кај лицето кое веќе ги подмирило обврските.

Во јули 2026 година, со ребалансот на Буџетот, Владата допрва обезбедува 300 милиони денари за заостанатите обврски од 2025 година. Значи, во 2026 година државата сè уште обезбедува средства за да ги покрие обврските од претходната година. А и по усвојувањето на ребалансот, до крајот на август исплата сè уште нема. Наместо навремено да се обезбедат средствата за законските обврски, прво се остава да се создаде долг, па потоа се бара начин тој долг да се покрие.

Уште позагрижувачки е што со овие 300 милиони не се решава проблемот. Средствата се однесуваат на заостанатите обврски од 2025 година, додека за тековните обврски во 2026 година повторно се потребни дополнителни средства. Така, во 2026 година Владата прво се занимава со тоа како да го плати долгот од 2025 година, а паралелно создава нови обврски за кои повторно нема доволно средства. Тоа е економската политика на ДПМНЕ: непланско буџетирање, крпење на буџетски дупки и префрлање на проблемите од една во друга година. Трчај-сопни-се политика во која државата постојано го брка долгот што сама го создала, наместо однапред да ги планира средствата за обврските што ги презела.

Со ваквиот начин на работа товарот од непланското буџетирање директно се префрла врз корисниците на програмата. Наместо преку оваа програма да се намалат трошоците и бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост при самостојното работење, Владата им создава нов финансиски товар и го доведува во прашање токму она што програмата треба да го овозможи – економска самостојност и работа без зависност од социјална помош. 

Левица бара итна исплата на заостанатите средства, целосна транспарентност за долгот од 2025 и обврските за 2026 година и стабилно финансирање на програмата, наместо секоја година со ребаланс да се гасат пожарите што самата власт ги создава. Ѓоко Велковски како актуелен министер за социјална политика не може да се крие зад тоа дека долгот е наследен. Наследен или не, денес под негово раководство лицата со попреченост чекаат на своите средства, а и по ребалансот нема исплата. Негова обврска е да обезбеди средствата да стигнат до луѓето, а не повторно да ги остава да ја носат некадарноста и неспособноста на ДПМНЕ на сопствениот грб“, велат од Левица. 

Exit mobile version