Вкупно 14 пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 13:00 часот на територијата на државата, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според најновиот преглед на состојбата, 5 пожари се сè уште активни, 1 е ставен под контрола, додека 8 се целосно изгаснати.
Во моментов активни се следните пожари:
- Општините Студеничани и Зелениково: Пожарот кој опфаќа мешана шума се протега кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во општина Студеничани, со крак кој се движи кон селата Палиград и Вражале во општина Зелениково.
- Општина Македонски Брод: Зафатена е ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки кај селото Драгов Дол (место викано Видуш) и кај селото Локвица.
- Општина Илинден: Регистрирани се два пожари на ниска вегетација – едниот кај Логистичкиот центар на КАМ, а вториот кај селото Бујковци.
- Општина Сарај: Активен е пожар во шума кај селото Бојане.
Под контрола е ставен пожарот во општина Кичево, кој гори во високостеблеста букова шума кај местото викано Дарда во селото Тајмиште.
Противпожарните екипи успеаја целосно да изгаснат 8 пожари, и тоа во Струмица (ул. Ристо Ќурчиев), Василево (с. Пиперево), Делчево (с. Бигла), Куманово (ул. Ѓорче Петров), Јегуновце (с. Туденце), Гостивар (с. Горна Ѓоновица и с. Чајле) и Врапчиште (с. Ломница и с. Ѓерѓевиште).


