Собранието на Република Северна Македонија ги демантира информациите објавени во дел од медиумите дека институцијата обезбедува и плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците и вработените во собраниската служба.
Од собраниската прес-служба посочуваат дека станува збор за неточно и манипулативно претставување на фактите.
Како што објаснуваат, јавната набавка за која се известува не се однесува на приватно здравствено осигурување, туку на систематски и превентивни здравствени прегледи. Тие се законска обврска на работодавачот и се обезбедуваат најмалку еднаш на секои 24 месеци, согласно Законот за безбедност и здравје при работа.
Прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот, а нивниот вид, начин и обем се утврдени со соодветна уредба.
Од Собранието нагласуваат дека не е склучена полиса за приватно здравствено осигурување ниту за пратениците ниту за вработените во собраниската служба. Станува збор за јавна набавка на конкретни здравствени услуги во рамки на систематски преглед, кој институцијата како работодавач е должна да го обезбеди.
Во соопштението се наведува и дека ваквите прегледи не се нова практика. Собранието и во претходните години спроведувало постапки за набавка на превентивни здравствени прегледи за исполнување на законските обврски.
Од Собранието велат дека ја почитуваат слободата на медиумите и правото на јавноста да ги следи и анализира буџетските трошења, но апелираат информациите за работата на институцијата да се пренесуваат точно и целосно.
Оттаму ги повикуваат медиумите кои ја објавиле спорната информација да го објават демантот и да извршат соодветна корекција.


