Петрушевски: Претседател и членови на комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР не поднеле анкетни листови, а одлучуваат за милиони

 

„Наместо извинување до граѓаните и оставки, функционерите од власта кои кријат имоти бегаат од одговорност. Со досегашните постапки нив ги штити Ковачевски и ДКСК. Институциите наместо да отворат постапки пишуваат бледи соопштенија и не преземаат никаква иницијатива. Аферата „Тајни имоти“ опфаќа функционери именувани од Владата, а кои имаат голема партиска историја во СДС, односно држат повеќе функции во партијата. Таков е примерот со Ана Марија Павиќ која е именувана за член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил и не поднела анкетен лист, а истата е координатор на Форумот на жени во ОО Бутел и била кандидат за советник од партијата. Таа на сопствено име има луксузна лимузина Ауди А5, а остатокот од имотот е на нејзиното семејство“ рече денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Петрушевски рече дека „аферата „Тајни имоти“ опфаќа голем број на лица од кои зависат сложени процеси во државата и распределување на финансиски средства до граѓаните и фирмите, еден таков е Саша Максимовски, претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР, и со работна позиција раководител на сектор во Владата на Република Македонија, кој не доставил анкетен лист до Антикорупциска комисија, а од она кое што ние го утврдивме на негово лично име има стан во населбата Карпош во Скопје“.

„По линија на претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР одат и членовите на истиот. Па така анкетен лист не поднел ниту Теди Цоневски, член на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР. Цоневски не го пријавил својот имот, кој според нашите истражувања се состои најмалку од еден стан во Горно Соње, еден стан во Кисела Вода и еден стан во Центар. Цоневски е основач и на фирмата ИНТРАТЕЛ СОФТ ДООЕЛ Скопје, која ја формирал во месец септември оваа година. А, покрај горе наведеното е и вработен во една голема телекомуникациска компанија“ посочи тој.

26.10.2022 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега