Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска изнесе обвинувања дека огромно мнозинство од неодамна запленетата дрога е поврзано со структури на СДСМ. Според неговите зборови, од вкупно 27 тони запленета материја, над 19 тони потекнуваат од фирмата „ЦБД Медплант“.
Петрушевски посочи дека формален сопственик на фирмата е Христијан Котев, но тврди дека реално со неа управува неговиот татко Тони Котев, поранешен претседател на општинската организација на СДСМ во Ново Село. Пратеникот додаде дека фирмата добила лиценца за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година, во времето на владата на Зоран Заев и Венко Филипче.
„Струмичкиот нарко картел се однесувал како во времето на Пабло Ескобар во Колумбија. Но и на тој нарко картел му дошол крајот, така ќе му дојде крајот и на овој таканаречен нарко картел во струмичко“, изјави Петрушевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство веднаш да го истражи случајот и да одговори дали има директна вмешаност на семејството Заеви. Петрушевски јавно праша зошто поранешниот премиер се интересирал за случајот кај Царинската управа и каква била улогата на Вице Заев во целиот процес.

