Петровска во посета на Вермонт: Свечено ќе биде одбележан 30-годишниот јубилеј од партнерството помеѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се во заедничка посета на Националната гарда на Вермонт.
Во Вермонт свечено ќе биде одбележан 30-годишниот јубилеј од партнерството помеѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт.
Тридецениското партнерство со Националната гарда на Вермонт има суштински придонес во развојот на капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија. Преку можноста за воено образование и обука во капацитетите на Националната гарда на Вермонт, нашите припадници се стекнаа со практични вештини директно од Вооружените сили на САД. Околу 5.000 припадници на македонската Армија поминале низ процес на обука и тренинзи на Националната гарда на Вермонт, значајно подигнувајќи го нивото на обученост и достигнувајќи ги НАТО стандардите.
За време на посетата на сојузната држава Вермонт, Петровска ќе се сретне и со гувернерот на Вермонт, Фил Скот, со командантот на Националната гарда, генералот Грегори Најт, претседателот на универзитетот Норвич, генерал мајор Марк Анарумо, а ќе го посети и тренинг полигонот Итан Ален.
Министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски на воениот полигон Итан Ален ќе ја проследат заедничката вежба на македонските војници од четата за Атомска биолошка и хемиска одбрана и Националната гарда на Вермонт, а ќе ја посетат и воздухопловната база на националната гарда на Вермонт и Оперативниот центар за итни случаи на Вермонт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа