Петровска од Северна Каролина: Со САД, стоиме заедно во нашата цел – зачувување на глобалниот мир и безбедност

 

Министерката Петровска при посетата на Државниот универзитет се сретна со проректорката, проф. д-р Хајди Хобс, директорката за глобални партнерства Сара Олсон, и директорот на мастер програмата за меѓународни студии проф. д-р Марк Нанс. На средбата, министерката го истакна значењето на академската заедница во борбата против најновите безбедносни закани и порача дека можноста за соработка со овие високо-образовни институции ќе придонесе за зајакнување на едукацијата и подготвеноста на идните офицери и лицата од одбранбениот сектор во справувањето со нив.

По средбата министерката Петровска се обрати пред студентите, професорите, членовите на алумни-асоцијацијата на Универзитетот и експертската јавност при што изрази уверување дека оваа посета го трасира патот за долготрајна плодна соработка.

„Денес сме тука да ги зајакнеме нашите врски и заедно со вас професорите и студентите, да го отвориме патот за градење на идните стратегиски предвидувања на геополитиката во регионот и во светот. Уверени сме дека заедно можеме да ја постигнеме заедничката цел за регионална стабилност и зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила“, заклучи Петровска.

Во однос на идната соработка меѓу образовните институции, Петровска рече дека академската заедница со размената на знаења ќе придонесе во градењето отпорност на нашите општества.

„Во оваа сложена геостратешка средина, единството, солидарноста и кохезијата на Алијансата остануваат клучни. Заедно со нашите сојузници и стратешки партнер, САД, стоиме заедно во нашата цел – зачувување на глобалниот мир и безбедност“, рече Петровска.

За време на посетата на Институтот за безбедносни студии Triangle чиј фокус е проучување на националната и меѓународната безбедност, министерката Петровска заедно со членовите на извршниот одбор потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу двете институции. Целта на овој меморандум подразбира развој на практична, академска и образовна соработка, односно развој на заеднички програми од областа на борбата со дезинформациите, контролата на вооружувањето, сајбер и хибридното војување, развојот на истражувачки активности, како и размена на студенти, професори, истражувачи и едукативни материјали.

 

Утре министерката за одбрана ќе замине за Вермонт каде ќе ја посети Националната Гарда на Вермонт и ќе присуствува на одбележувањето на 30 годишното партнерство со Армијата на Република Северна Македонија.

06.06.2023 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега