Претседателката замина за Азербејџан
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во официјална посета на Република Азербејџан, каде се предвидени средби со државниот врв на Азербејџан и учество на 12. Глобален форум во Баку.
Утре, 11 март 2025 година, вторник, во Баку претседателката Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести ќе биде примена од претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев.
Предвидено е двајцата претседатели да остварат тет-а-тет средба, по што ќе следи пленарен состанок на двете делегации. Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Во рамки на официјалната посета на Република Азербејџан, претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари средби со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова и со премиерот, Али Асадов.
Предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи предавање пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку.
За време на посетата на Азербејџан, претседателката ќе учествува на 12. Глобален форум во Баку, насловен „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности“, што во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ ќе се одржи од 13 до 15 март во Баку.
Претседателката Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченото отворање на форумот, а ќе има и свое обраќање на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.
Според најавите, на форумот е предвидено присуство на околу 400 учесници – актуелни и поранешни шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации и на граѓанското општество.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа