Петковски: Талат Џафери нема надлежност да цени дали нешто е уставно или не
Претседателот на парламентот Талат Џафери не е надлежен да цени уставност и законитост, тоа е во рацете на Уставниот суд, вели за МКД.мк поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски во врска со одлуката на Џафери да ја отфрли иницијативата на одржување на референдум, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека одлуката по прашањето за референдумската иницијатива треба да биде на Собранието, а не на неговиот претседател.
„Претседателот на Собранието е само прв меѓу еднаквите пратеници и тој ги потпишува актите во името на Собранието. Не само од правен и деловнички аспект, туку и од демократски аспект е добро одлучувањето да се постави на седница на Собранието, секако, откако собраниските комисии ќе предложат став за кој потоа на пленарна седница ќе се носи одлука. Многу е битно од демократски аспект пратениците да одлучуваат бидејќи Собранието е местото каде се носат најкрупните одлуки врз основа на политичка дебата. Не треба никој да се става над Собранието, во случајот претседателот. Од формално правен аспект нема пречка барањето да се стави пред Собранието и тоа да се произнесе", вели Петковски за МКД.мк
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа