Петков: Една недела е премиер а 4 дена помина во бугарската Влада - Бугарите можат да бидат вклучени во Уставот на Македонија

Бугарската страна нема да го менува својот состав во Комисијата за историските прашања, владите на Бугарија и на Северна Македонија подготвуваат заедничко чествување на Гоце Делчев, Бугарите во Северна Македонија ќе бидат вклучени во Уставот.

Тоа се три од најбитните работи што бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ги наведе на парламентарната седница во Собранието на Бугарија, каде беше повикан на седница на сослушување (пандан на седниците за пратенички прашања во Собранието на Северна Македонија).

Петков одговараше на прашања за неговата посета на Скопје и за меѓувладината седница во Софија, на која владите на двете земји донесоа заеднички решенија и потпишаат битни меморандуми, јави Бугарската национална телевизија (БНТ)

Парламентарната седница, односно „сослушувањето“ беше побарано од пратеничката група на ГЕРБ, која до пред една година владееше со земјата една деценија.

Говорејќи од парламентарната говорница, Кирил Петков порача дека се подготвува заедничко чествување, односно одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, на 4 февруари годинава.

Петков за својот македонски колега Димитар Ковачевски рече дека поминал речиси 4 дена со бугарската влада и дека се потпишани три важни меморандуми во клучни сектори – земјоделство, мали и средни претпријатија и железница, мислејќи притоа и на неговата посета на Скопје и на меѓувладината седница што се одржа во Софија.

Но, според Екатерина Захариева, пратеничка од ГЕРБ, а до пред речиси една година и министер за надворешни работи на Бугарија, тоа не е доволно, оти инфраструктурните прашања нема да ги решат најважните прашања.

Според Захариева, пропаднало европското финансирање на Коридор 8 и била организирана невидена кампања против Бугарија. Според Захариева, дискриминацијата на македонските Бугари го надминало дури и нивото од Титова Југославија, извести БНТ.

Одговарајќи, бугарскиот премиер Петков порача дека владата на Бугарија воопшто не ја игнорира бугарската позиција и дека правата на Бугарите во Северна Македонија се огромен приоритет, заедно со темите од заедничката историја.

Според него, македонскиот премиер Ковачевски, рекол дека не е проблем Бугарите во Северна Македонија да влезат во Уставот.

„Ковачевски рече оти не гледа проблем околу внесувањето на Бугарите во нивниот Устав; не кажа време, но соопшти. За Уставот важно беше тоа што Ковачевски го кажа, затоа што тој има и политички ризик со нивната опозиција“, пренесе БНТ.

Тој во парламентот на Бугарија порача дека рокот се разгледува во моментот, но уверуваше дека бугарскиот интерес ќе биде заштитен и рече дека во однос на Историската комисија решиле прво да се дефинираат јасно темите за коишто Комисијата постигната согласност.

На прашањето дали знае кој е Известувачот на ЕУ за Северна Македонија и дали комуницира со него, бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека не зборувал со известувачот, но дека вчера разговарал со претседателите на Европскиот парламент и на Европската Комисија, и дека и двете институции се оптимисти од добиените сигнали од двете страни и дека политичките говори се заменети со реални дејствија.

Дополнително, според еден пратеник од парламетнарната група на политичкиот сојуз на бугарскиот премиер Кирил Петков, новите влади на двете земи за две седмици „завршиле работа што не се случила дури ни за четири години’, јави БНТ.

28.01.2022 - 10:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега