Перински: Во моментот сме сведоци, за среќа, на мал број градоначалници што се однесуваат девијантно
Во Гостивар денеска се одржа третиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локалната самоуправа.
Настанот е дел од циклусот активности насочени кон зголемена транспарентност и отчетност на локалните единици, унапредување на учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека целта на измените на законската рамка е да се зголемат демократските капацитети на локалните самоуправи и на граѓаните, што е во интерес на сите и оцени дека јавните дебати се исклучително битни со оглед на тоа дека можност за предлози и сугестии имаат сите засегнати страни, почнувајќи од градоначалниците, па сѐ до граѓанскиот сектор, односно граѓаните.
„Во моментот сме сведоци, за среќа, на мал број градоначалници што се однесуваат девијатно и ја злоупотребуваат довербата добиена од граѓаните. Сметам дека сме на добар пат за креирање многу квалитетно и издржано законско решение, кое во периодот што следува ќе одговори на потребите и на локалните самоуправи и на граѓаните“, истакна Перински, кој посочи дека законските реформи ќе бидат усогласени со позитивните европски практики применливи кај нас.
Професорот Мемет Мемети, кој е дел од експертската група, оцени дека преку јавните дебати ќе се подготви законско решение, кое ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните и ќе придонесе кон посилни и поавтономни општини.
Професорот Александар Спасеновски истакна дека Македонија веќе има воспоставен и функционален систем на локална самоуправа, но сепак неопходна е негова постојана еволуција и приспособување кон новите предизвици и потреби.
„Затоа, преку широк и консултативен процес, во кој се вклучени сите релевантни актери – научната заедница, локалните власти и граѓанскиот сектор – се стремиме да изнајдеме решенија што ќе го надградат постојниот систем и ќе го направат уште поефикасен, потранспарентен и подобро приспособен на современите потреби на општините и граѓаните“, изјави Спасеновски.
Домаќинот на настанот, в.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, ја поздрави иницијативата за отворање на Законот и изрази поддршка за планираниот механизам за отповикување на градоначалниците.
Консултативната средба беше организирана од Министерството за локална самоуправа, со поддршка од проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и имплементиран од УНДП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа