Министерството за локална самоуправа објави јавен повик за ангажирање експерти кои ќе бидат дел од новата база на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините. Рокот за аплицирање е отворен до 15 декември годинава.
Целта на оваа иницијатива е да се формира регистар на висококвалификувани професионалци и практичари кои ќе им помагаат на општините преку менторства, специјализирани обуки, теренски ангажмани, како и преку изработка на анализи, прирачници и стратешки документи.
Министерот Златко Перински појасни дека областите на потребна експертиза се поврзани со изворните надлежности на општините, но и пошироко, со цел подобрување на услугите кон граѓаните.
„Со овој јавен повик ги охрабруваме сите професионалци кои сакаат да имаат придонес, да работат на значајни процеси и да го споделат своето искуство, да се пријават и да бидат дел од оваа суштинска иницијатива за поддршка на јакнењето на локалната самоуправа“, истакна Перински.
Повикот може да се најде на следниот ЛИНК.

