Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение жестоко го нападна раководството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), обвинувајќи ги Слободан Трендафилов, Трпе Деаноски и Иван Пешевски дека работат по партиски директиви на СДС и Левица, наместо во интерес на работниците.
Според партијата, синдикалните лидери го одбиле владиниот предлог кој предвидува зголемување на платите за над 10.000 денари, односно раст од 40% до 2028 година. „ССМ бара 600 евра минимална плата, добива и истата ја одбива. Бара 100 евра повисока плата, добива и истата ја одбива. Само затоа што се политички марионети на СДС и Левица“, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека понудениот договор гарантира раст на платите согласно Законот за минимална плата, плус дополнителни 8%. Тие тврдат дека единствената причина за одбивањето е тоа што синдикалците не сакаат да потпишат нов колективен договор. „Трендафилов, Пешевски и Деаноски одбиваат договор со кој минималната плата ќе се искачи до 600 евра за само две години, додека тие самите земаат над 80.000 денари плата и дополнителни додатоци“, обвинуваат од владејачката партија.

