Пенов: Придобивките од собирањето и преработката на отпадот од лозовите насади се чиста зелена енергија

 

Преку проектот за развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот Регион, денеска беа презентирани придобивките од циркуларната економија и можностите за претворање на отпадот во енергија.

Наместо да се трошат пари за складирање и уништување, отпадот можеме да го претвориме во енергија или нов производ што ќе биде баран на пазарот, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.

„Ваквите иновативни зелени идеи, ако се добро развиени, може да бидат финансирани од Европската Унија, а кофинансирањето од 15 % го обезбедува Министерството за локална самоуправа. Токму затоа сакам да ја поздравам иницијативноста на винарницата ‘Бовин’ и да ги повикам градоначалниците да подготвуваат проекти што се иновативни и конкурентни. Идејата е пред нас, да ја претвориме во реалност.

Министерот за локална самоуправа изрази задоволство што е препознаена улогата на општините и на регионите во развојот на иницијативата за преработка на отпадот и создавање нова вредност.

„Корисноста ќе биде голема за сите. Развиените земји многу вложуваат во циркуларната економија, пред сѐ, затоа што е дел од зелената агенда и затоа што се работи паметно. Време е ние не само да ја промовираме идејата туку да почнеме со конкретни активности.

Проектот се спроведува со поддршка од германската влада преку германското друштво за меѓународна соработка и винарницата „Бовин“, а вклучен е и Центарот за истражување и креирање политики во подигнувањето на јавната свест меѓу јавниот и бизнис-секторот.

„Со воспоставување јавно-приватно партнерство, бизнисот и општините заеднички може да се вклучат во овој процес, од што придобивки ќе имаат сите, вклучително и државата. Ваквите иницијативи го поттикнуваат претприемачкиот дух, а институциите и општините треба да создадат услови за реализација на бизнис-идеите“, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.

24.03.2023 - 22:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа