Пендаровски: Да подадеме рака на сите коишто се во неволја, следејќи го примерот на Исус
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
– Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник ‒ Велигден. Од сѐ срце Ви посакувам празникот на Христовото Воскреснување да го дочекате во добро здравје, исполнети со мир, хармонија, радост и со среќа. Токму во овие празнични денови, инспирирани од Христовата победа над смртта, да ги обновиме и верата и надежта и вдахновени да правиме добри дела и да даруваме безусловна љубов, се наведува во честитката на претседателот Пендаровски.
За жал, додава претседателот, и овој Велигден го дочекуваме соочувајќи се со бројни економски закани, сѐ уште незакрепнати од пандемијата на КОВИД-19, а веќе на нашиот континент имаме жесток воен судир во којшто страдаат најранливите. И во 21 век човештвото е загрозено од нетрпеливоста и од омразата и не наоѓа начин за мирно разрешување на конфликтите и на недоразбирањето.
– Се надевам дека светлината на Велигден ќе ни биде поттик и инспирација да истраеме и да не ги изгубиме хуманоста и добродетелството во борбата за егзистенција. Да подадеме рака на сите коишто се во неволја и на коишто им е потребна помош, следејќи го примерот на Исус и поучувајќи се од неговите зборови. Нека е за многу години големиот празник!, стои во честитката на претседателот Пендаровски по повод католичкиот Велигден.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа