Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ на 4 февруари цел ден ќе чува стража на гробот на Гоце Делчев

Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, вели дека во пресрет на одбележувањето на денот на раѓањето на македонскиот херој Гоце Делчев, раководството на Институтот ќе организира „херојска стража“ со присуство на гробот на револуционерот на 4 февруари во текот на целиот ден. По денешната седница на Централниот комитет на Патриотскиот инситут, Пандов ги повика и сите граѓани и почитувачи на делото на Делчев да дојдат за да изразат почит.

“Го осудуваме шовинизмот и негаторските политики што доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика. Гоце е Македонија и Гоце припаѓа на светот. Упатуваме повик до македонскиот народ, македонската Влада и сите добронамерници за достоинствено поклонување на гробот на Македонецот Гоце Делчев”, рече Пандов.

Вчера, во врска со одбележувањето на 4 февруари, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека МВР и агенциите имаат секојдневни активности и дека се формира посебен штаб за оваа активност.

На социјалните мрежи од пред два дена се организираат граѓани кои планираат да постават блокади на патиштата со цел да ги спречат бугарските државјани, кои најавија дека доаѓаат во Скопје на 4 февруари за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Освен најави за „ноќна стража“ од 3 февруари пред црквата „Свети Спас“, каде што се наоѓа гробот на Делчев, во повик на Фејсбук се повикува и на блокада на патиштата.

Министерот Спасовски посочи дека нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи, затоа што, како што нагласи, тука се институциите на системот.

„Апелирам до сите на мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука да направат сè и да обезбедат мирни услови“, кажа Спасовски.

 

28.01.2023 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега