Партиите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори, денеска треба да биде заклучен Избирачкиот список

Политичките партии и нивните подмладоци се обврзаа на демократски изборeн процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Изборната кампања за првиот круг од локалните избори, согласно Роковникот на Државната изборна комисија почнува од понеделник и ќе трае до 15 октомври, а денеска треба да биде заклучен Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, а кој треба најдоцна до 1 октомври да биде потпишан.

Претставници од сите политички партии, учесници на претстојните избори, вчера го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со што преземаат одговорност дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеењето и ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски, на настанот по повод потпишувањето, истакна дека електоратот треба да биде слободен, избирачкото тело мора да биде соодветно информирано, а гласањето тајно.

Со Кодексот, согласно Роковникот на ДИК, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Северна Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал. Со Кодексот учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат.(член 8-в) согласно планот и програмата на ДИК.

Премиерот Зоран Заев, изјави дека само со одржување фер и демократски избори сите во земјава можат да бидат победници.

-Денеска го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори, бидејќи со избори кои се европски ќе победиме сите. Тоа е најважното затоа што сега нема назад. Неколку избори наназад во овие четири години имаме пример за фер и демократски избори и секои нови се се подобри и подобри. Законските решенија ги имаат во најголем дел имплементирано препораките на ОДИХР и ОБСЕ, рече Заев.

Тој нагласи дека сите учесници во изборите треба да се заложат да имаме фер и демократски избори.

Подмладоците на 34 политички партии вчера, на друг настан, потпишаа Декларација за фер, слободни и демократски избори и против говор на омраза.

Политичките подмладоци се и тоа како важен стратешки партнер за организирање и за спроведување на изборите, порача Билјана Јанева, извршната директорка на Институт Охрид, кој беше организатор на настанот.

Државната изборна комисија, вчера го усвои Предлог-упатството за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, кое произлегло од новите измени на Изборниот законик.

24.09.2021 - 09:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега