Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, денеска изјави дека се надева оти претседателот на САД Доналд Трамп, по придонесот за прекинот на огнот во Газа, ќе може да го фокусира своето внимание на наоѓање решение за конфликтот во Украина.

Паролин, исто така, изјави дека во моментов нема конкретни знаци за мир во Украина, јави италијанската новинска агенција АНСА.

– Се надевам дека, бидејќи поглавјето за Газа на некој начин е затворено, претседателот Трамп сега може да посвети поголемо внимание на украинското прашање и посилно да се ангажира во наоѓањето излез од војната, истакна државниот секретар на Ватикан.

Паролин потсети дека досега се направени бројни обиди за деескалација на конфликтот, вклучително и средбата во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин, но оти овие напори не ги донеле очекуваните резултати.

– Сепак, Америка сè уште има важна улога во сите овие настани, заклучи Паролин.

Exit mobile version