Папата повика на крај на смртната казна и на намалување на воените трошоци
Папата Франциско повика на нови меѓународни договори за намалување на должничкиот товар со кој се соочуваат земјите со ниски приходи и пренасочување на трошоците од оружје и воена опрема кон искоренување на глобалниот глад.
Во пораката пред светата 2025 година на Римокатоличката црква, која почнува на 24 декември, папата рече дека глобалните климатски промени, војните, нееднаквиот третман на мигрантите и други прашања „го загрозуваат опстанокот на човештвото како целина“.
Спорадичните чинови на филантропија не се доволни, рече тој. „Неопходни се културни и структурни промени за да се случат трајни промени“, рече папата.
Католичките свети години, познати и како јубилеи, обично се случуваат на секои 25 години и се сметаат за време на мир и простување. Овој јубилеј ќе трае до 6 јануари 2026 година.
Повикот на папата во пресрет на јубилејот беше дел од неговата годишна порака за Светскиот ден на мирот на Римокатоличката црква, кој се слави на 1 јануари.
Насловот на пораката што традиционално им се испраќа на светските лидери и раководителите на институции, како што се Обединетите нации, е: „Прости ни ги долговите: дај ни го твојот мир“.
Папата ги повика и сите земји да ја укинат смртната казна, на што се противи Католичката црква.
За време на 11-годишното папство Франциско постојано ги повикува поразвиените земји да ги простат долговите со кои се соочуваат земјите со ниски приходи. Во новата порака папата рече дека многу посиромашни земји се соочуваат и со еколошки долг поради очекуваните влијанија од климатските промени.
„Надворешниот долг стана средство за контрола, при што одредени влади и приватни финансиски институции на побогатите земји бескрупулозно и неселективно ги искористуваат човечките и природните ресурси на посиромашните земји“, рече папата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа