Папата Лав денеска беше опериран во болницата „Џемели“ во Рим, каде што му беше отстранет мал јазол од едното белодробно крило. Операцијата поминала успешно и според однапред утврдениот план, соопшти Ватикан.

Ова е првиот посериозен здравствен проблем на папата во 17-те месеци од неговиот понтификат.

Папата Лав, кој има 71 година, бил подложен на хируршка интервенција за отстранување на израсток што бил навреме откриен за време на неодамнешен рутински преглед.

„Операцијата беше завршена успешно, на време и според планот“, се наведува во краткото соопштение на Ватикан, објавено во текот на попладнето. Дополнителни детали за интервенцијата не беа соопштени.

Процедурата ја водел професорот Стефано Маргаритора, раководител на Одделот за торакална хирургија во болницата „Џемели“.

Папата пристигна во болницата пред операцијата

Папата го напуштил Ватикан нешто пред 13 часот по локално време. Бил забележан како мавта од задното седиште на црн џип додека неговиот конвој се движел кон болницата „Џемели“, оддалечена околу девет километри северно од Ватикан.

По пристигнувањето, тој се ракувал со неколку службени лица, а потоа поминал покрај група граѓани кои му посакувале брзо закрепнување. Дел од присутните извикувале „Аугури“, што на италијански значи најдобри желби, пред папата да влезе во болницата низ главниот влез.

Се очекува закрепнувањето да трае околу една недела

Според медицинските експерти, отстранувањето на јазолот треба да овозможи да се утврди дали станува збор за малигна промена и дали ќе биде потребен дополнителен третман.

Во соопштението по операцијата, Ватикан не прецизираше какви испитувања биле направени на отстранетиот јазол, ниту дали веќе се познати резултатите.

Се очекува папата да остане во болницата околу една недела, каде што ќе закрепнува по интервенцијата.

Поради здравствената состојба, сите негови јавни активности се откажани до 20 октомври

Exit mobile version