Корисниците на социјалната мрежа X од рано утринава се соочуваат со сериозни проблеми при пристапот и користењето на услугата. Веб-страницата DownDetector забележа нагло зголемување на пријавите за недостапност, а истовремено компанијата „Cloudflare“ потврди дека нејзината глобална мрежа има технички тешкотии.

Со оглед на тоа што „Cloudflare“ обезбедува клучна интернет инфраструктура за бројни услуги, вклучувајќи заштита од сајбер напади и стабилност на веб-страниците, дефектот предизвика пад на голем број навидум неповрзани платформи.

Проблемите ескалираа околу 12:00 часот, по што компанијата излезе со официјална потврда.

„Cloudflare е свесен за проблем што потенцијално влијае на повеќе корисници и го истражува. Понатамошни детали ќе бидат дадени кога ќе станат достапни повеќе информации“, се вели во нивното соопштение.

Засегнатите корисници на екраните добиваат порака за „внатрешна грешка на серверот на мрежата на Cloudflare“, со препорака да се обидат повторно за неколку минути. Интересно е што и самата страница DownDetector, која ги следи прекините, беше погодена од истите технички проблеми.

Компанијата подоцна додаде дека „продолжува да го истражува овој проблем“, но засега нема информации за причината или кога дефектот ќе биде саниран.

Exit mobile version