Цената на нафтата денеска бележи пад на светските берзи, откако се намалија стравувањата од поголеми прекини во снабдувањето со сурова нафта.
Според податоците објавени од Ројтерс, фјучерсите на Брент паднаа за 1,8 отсто, на 103,95 долари за барел, додека американската нафта WTI поевтини за 1,7 отсто, на 100,66 долари за барел.
Падот следува откако Саудиска Арабија понудила дополнителни количини сурова нафта за азиските рафинерии преку Оман. Ова ги ублажи стравувањата за снабдувањето предизвикани од нарушувањата на нафтената инфраструктура во регионот.
Двата главни нафтени репери во средата забележаа пад од околу три долари за барел, а цените и денес продолжија надолу.
И покрај падот, нафтата останува над границата од 100 долари за барел, во услови на продолжени ризици поврзани со снабдувањето од Блискиот Исток.


