Овој исламски проповедник покрена хајка против обезглавениот професор:Му рековме на училиштето да побара итна суспензија на овој разбојник (ВИДЕО)

 

По убиството на исламистичкиот терорист кој обезглави наставник од предградие на Париз, француската полиција уапси деветмина осомничени во врска со бруталното злосторство.

Меѓу нив има и членови на неговото семејство, чеченски бегалци кои дошле во Франција од Русија и таму добиле азил.

Да потсетиме, 18-годишниот чеченски азилант Абдулах Анзоров го уби наставникот по историја Самуел Пети за карикатурите на Мухамед, што им го покажал на учениците на час во средното училиште во париското предградие, наречено Конфланс-Сен-Онорин, како дел од граѓанското образование. Анзоров објавил порака на Твитер непосредно по убиството, во која ја презеде одговорноста за егзекуцијата на „едно од кучињата од пеколот, кое се осмели да го понижи Мухамед“, заедно со фотографијата на која му ја сече главата среде улица.

Но, се чини дека едно лице е клучно меѓу уапсените осомничени - Абделхаким Сефриуи. Овој самопрогласен имам и радикален исламист прогласил фатва или пресуда заснована на исламските списи и шеријат како исламска јуриспруденција, против несреќен учител за „сакрилегично“ прикажување карикатури на пророкот Мухамед за време на предавањето за слобода на говорот.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин откри дека Сефриуи и Брахим Чина, татко на 13-годишен ученик муслиман од училиштето, објавиле фатва против Пети.

Сефриуи (59), роден во Мароко и имигриран во Франција, се претставува како член на одборот на Советот на имами на Франција, иако таквата институција никогаш не била на списокот на официјални исламски тела во Франција, пишува Либерасион.

Во интервју објавено на 12 октомври, Сефриуи објасни дека тој и Чина отишле да ја посетат администрацијата на средното училиште Боас-д-Олн, каде работел настаникот Пети, за да се жалат на покажувањето карикатури на Мухамед на неговите ученици, објавени за прв пат во сатиричното списание Шарли Ебдо.

„Ние изразивме зачуденост што администрацијата на училиштето го прифаќа ова. Јас им реков едно: дека ние, Советот на имамите на Франција и ние, француските муслимани, категорично го отфрламе ваквиот вид на неодговорно и агресивно однесување што не го почитува правото на овие деца да го зачуваат нивниот психолошки интегритет. Рековме дека бараме итна суспензија на овој разбојник (Пети) затоа што тој не е учител “, изјавил исламистичкиот проповедник во видеото, пренесува Либерасион. Сефриуи го повика и претседателот Емануел Макрон, кој, како што тврди без доказ, ги повикал Французите да ги „мразат муслиманите“, алудирајќи на неодамнешната иницијатива на Макрон за сузбивање на милитантниот исламски екстремизам.

„Го напуштивме училиштето со цврста намера да се мобилизираме за акција пред училиштето и пред академскиот инспекторат“, додаде овој самопрогласен имам.

Сепак, Пети, како и на претходните предавања на кои прикажувал контроверзни карикатури, им порачал на муслиманските ученици да не гледаат или да ја напуштаат училницата ако карикатурите ги навредуваат.

Сефриуи им е познат на разузнавачките служби со години, но досега не бил осудуван. Неговите досегашни активности во голема мера се сведувале на дистрибуција на исламистички книги и организација на демонстрации и провокативни јавни молитви во и околу Париз, каде што честопати изразувал антисемитски ставови под маската на борбата за правата на Палестинците. Тој и неговите екстремистички следбеници ги нападнале демонстрантите во 2010 година на феминистичка организација Ni putes ni soumissions, принудувајќи ја полицијата да интервенира.

Од друга страна, Чина повикал на „мобилизација“ против професорот и побарал тој да биде отпуштен од училиштето. Тој исто така го објавил на социјалните мрежи името на професорот и адресата на училиштето каде што работел, само неколку дена пред нападот.

Сè уште не е познато дали Анзоров бил поврзан со Сефриуи и дали одговорил на неговата „фатва“ кога вооружен со нож и воздушна пушка дошол во тивкото предградие на Париз и го заклал професорот по историја поради карикатури.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.10.2020 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега