Османи – Каденбах: Потребни се кредибилни евроатлантски перспективи за регионот

Во контекст на актуелните безбедносни ризици, особено значајни се кредибилните евроатлантски и европски перспективи за регионот, процеси кои имаат долготраен трансформативен ефект и придонесуваат за зачувување на сигурноста и стабилноста, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на средбата со заменичката на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Бетина Каденбах.

Каденбах престојува во Скопје по повод одржување на состанокот на директори за политичка безбедност од министерствата за надворешни работи на земјите членки на НАТО.

На средбата, како што соопшти МНР, соговорниците разменија мислења околу актуелните безбедносни состојби и ситуацијата во Украина. Воедно, се осврнаа и на пошироките импликации од кризата, со посебен фокус на безбедносната ситуација во Западен Балкан.

На средбата стана збор и за новиот Стратешки концепт на НАТО, кој како втор најзначаен документ за Алијансата се очекува да се усвои на претстојниот Самит на НАТО во Мадрид, во јуни годинава.

Османи искажа задоволство за одржување на состанокот на Директори за политичка безбедност на земјите членки на НАТО во Скопје, што е уште една потврда за стратешкото значење на Западен Балкан за Алијансата, стои во соопштението на МНР.

28.04.2022 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега