Османи: Ако решаваа граѓаните, во 2016 година премиер ќе станеше Груевски, а не Заев
Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови. Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец – вели Бујар Османи, вицепремиер и висок функционер на Демократската унија за интеграција за „Слободен печат“ објаснувајќи ја идејата на неговата партија за премиер Албанец, зашто таа е потребна и колку е изводлива.
На прашање дали овој термин што генерално го застапува СДСМ е консензуално постигнат како што се залагаше ДУИ од почетокот, тој вели дека не е леснода се зборува за избори во овие услови, но темата е наметната.
– Не ни е лесно кога зборуваме за избори во услови на зголемени бројки на заболени, но нам темата ни е наметната. Затоа што сме единствен случај во светот каде што нема функционален парламент, и техничка влада за спроведување избори што се справува со пандемијата на корона. Затоа се наметнува дебатата избори побргу за да можат да се вратат функционалните институции што имаат мандат за сите предизвици, не само за пандемијата, туку и за отпочнување на преговори со ЕУ, но и за сите други општествени прашања.
Но, притоа има два става околу ова прашање. Ако има избори ова лето, друг термин освен 5 јули и деновите околу 5 јули нема. Затоа што порано и не може поради изборните рокови, а потоа нема да ги имаме луѓето тука да гласаат. Штом границите ќе се отворат, сите ќе заминат некаде.
На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа овој датум, Османи вели дека важно е да има инклузивен изборен процес.
-Значи, сите да учествуваат. Секој поинаков изборен процес значи влегување во нова политичка криза. Важно е дека разликата меѓу страните не е поголема од десет дена. Тоа сè уште остава простор за компромис по однос на датум за одржување на изборите. Очекувам да се продолжи таа комуникација.
Мислам дека не е во интерес на која било политичка партија да бојкотира, затоа што никогаш бојкотот не се покажал како корисен за страната што го променила. А ниту за државата. Од искуство сум убеден дека ќе најдеме сила да се договориме околу датумот кој ќе биде околу 5 јули- вели Османи.
За идејата за премиер Албанец, Османи вели дека не е нешто кампањско. Ние сме цврсто определени, ова е стратешка одлука на ДУИ и ова ќе биде.
– Ние ги слушнавме изјавите дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а не партиите. Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер! Така што, прашањето на формирање влади е, пред сè, прашање на политички компромис. Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови. Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец. Тој ќе биде премиер на еднаквоста, на сите граѓани, што ќе ја сруши и последната тврдина на отпор кон еднаквоста и на етнички монопол. Државата нема да изгуби ништо, а ќе добие на својот унитарен карактер.
Целото интервју може да го прочитате ТУКА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа