Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, вечерва во своето обраќање ја нагласи историската важност на 19 октомври, нарекувајќи го „ден на политичка трансформација“ и пресвртница што ќе ја определи иднината на општината, државата и нацијата, се наведува во соопштението кандидатот за градоначалник на Чаир.

„19 октомври ќе остане запишан во историјата како денот кој ја определил насоката на државата, на нацијата и на нашата општина“, изјави Османи, потенцирајќи дека секој граѓанин има одговорност да даде свој придонес во тој процес на промена.

Тој порача дека изборите на 19 октомври не се обично гласање, туку морална и човечка должност кон Чаир и неговите жители.

„Со едно излегување на избори, можеме да донесеме четири големи победи, победи што ќе влијаат директно на животот на граѓаните, на семејствата, на нашата општина и на државата која сите ја сакаме“, нагласи Османи.

Османи остро ја критикуваше владејачката структура во општината, опишувајќи ја како олигархија која владее однадвор и се збогатува на грбот на граѓаните, земајќи им ја водата, тротоарите, патиштата, здивот, воздухот.

„Чаир 20 години е заробен од оние што ја задавија општината и не и дозволија да дише. Општината од сервис за граѓаните е претворена во инструмент на една клика што се збогатуваше на нивна сметка“, рече Османи.

Во својот говор, Османи се осврна и на граѓанското незадоволство, опишувајќи го како „масовно чувство на фрустрација и востание“, што одблиску го видел при неговите редовни средби со граѓаните на Чаир, кои како што рече бараат промена.

„Оваа мисија на политичка трансформација, која од 19 октомври ќе отвори ново поглавје, нова ера за нашиот Чаир. За Чаир што нема да дозволиме повеќе да биде најнеуредената општина во градот Скопје“, порача Османи.

Leave A Reply

Exit mobile version