Кучиња со видливи длабоки повреди и крварења затекнале полициските службеници за време на илегална борба на животни во гостиварскиот регион.
Инспекторите на местото на настанот извршиле увид, при што во патничко возило „фиат“ пронашле едно од тешко повредените кучиња кои биле хушкани да се борат.
Двајцата организатори кои претходно се договориле да ја приредат борбата се лишени од слобода од страна на полицајците од Полициското одделение Галате.
Зад решетки завршија 44-годишниот Г.Ј. од селото Топлица и 46-годишниот А.А. од селото Чегране.
- „Синоќа во 01:30 часот, полициски службеници ги уапсија Г.Ј.(44) од село Топлица и А.А.(46) од селото Чегране поради основано сомневање дека сториле кривично дело „мачење животни“. Според информациите на МВР, претходниот ден околу 23:45 часот на влез во селото Топлица, полициски службеници од Полициското одделение Галате затекнале група граѓани и кучиња со видливи повреди и крварења од борба. Според пријавеното, лицата претходно се договориле да ги организираат борбите со кучињата. Извршен бил увид на местото, при што едно повредено куче било пронајдено во патничко возило „фиат“. Лицата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.


