Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, имал работен состанок со претставници на Финансиската полиција за да се испитаат можните злоупотреби во работењето на повеќе градски јавни претпријатија.

Во интервју за МТВ1, Ѓорѓиевски изјави дека во интерес на истрагата не може да открива детали, но потенцира дека цврсто стои зад сите информации што досега ги објавил во јавноста.

Повик од Обвинителството

Претходно, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повика градоначалникот на Скопје да ги пријави сите случаи на злоупотреби во Јавното обвинителство и да достави докази, доколку располага со нив.

500 фиктивно вработени и загуби од 20 милиони евра

Ѓорѓиевски потсети дека од списоците на вработени во јавните претпријатија биле избришани околу 500 лица кои земале плата без да доаѓаат на работа, што, како што рече, претставува тешко прекршување на Законот за работни односи и на работната дисциплина.

– Станува збор за луѓе кои не биле ангажирани на реални работни задачи, туку им било дозволено да ја злоупотребуваат институцијата. Градот губел по околу пет милиони евра годишно, што за четири години изнесува околу дваесет милиони евра – колку што чини новиот Луна парк што го чекаат генерации скопјани – изјави Ѓорѓиевски.

Ќе има и командна одговорност

Според него, во разговорите со надлежните институции побарал да се утврди не само индивидуална, туку и командна одговорност — односно, покрај лицата кои земале плата без да работат, да одговараат и оние кои ги потпишувале исплатите, како и директорите што го одобрувале ваквото постапување.

Exit mobile version