Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати порака по повод празникот Водици.

„Бог се јави!

Денешниот ден е длабоко значаен и величествен“, посочи Ѓорѓиевски.

„Ден кога го славиме Богојавление, светото крштевање на Господ Исус Христос, една од најсветите тајни на Христијанството, симбол на духовно раѓање, вера и прочистување на човековата душа.

Овој празник за мене има и посебна лична тежина, бидејќи денес го одбележувам и мојот именден, што го прави чувството уште посилно и поблагодарно.

Масовноста, сплотеноста и заедништвото на мојот народ, кои денес јасно ги сведочиме, се силен доказ дека нашата вера, традиција и духовни вредности живеат и се пренесуваат од поколение на поколение, како темел на нашиот идентитет и опстојување“, истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски го честиташе празникот на сите кои денес беа дел од светиот и возвишен настан.

Градначалникот исто така упати искрена честитка до Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и до целото свештенство кое го предводеше овој свет чин во духот на нашата вера и вековна традиција.

Ѓорѓиевски им честиташе и на сите скокачи кои, во навистина голем број, покажаа храброст и духовна сила обидувајќи се да го извадат Светиот Крст од водите.

Градоначалникот упати посебна честитка до најсреќниот Дарко Митровиќ, кој го извади Светиот Крст од осветените води на реката Вардар.

„Му посакувам добро здравје, среќа и радост, како и од Бога благословена година за него и неговото семејство.

Да сте ми сите здрави и живи и догодина уште побројни, посложни и повесели!

Бог се јави!“, истакна Ѓорѓиевски.

Exit mobile version