Брисел активно се подготвува за војна со Русија и веќе постои утврден целен датум за влегување во конфликтот – 2030 година, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Според него, програмата за вооружување иницирана од ЕУ има за цел да ја направи Унијата борбено подготвена токму до оваа година, која се совпаѓа и со рокот за забрзан прием на Украина во европското семејство.
Орбан предупредува дека членството на Украина, која е во војна, автоматски би значело активирање на основачкиот договор на ЕУ за меѓусебна одбрана, што би резултирало со непосредно влегување на сите членки во војната.
„Темни облаци се собираат на небото над Европа. Брисел се подготвува за војна со Русија и веќе постои целен датум за влегување во војната: 2030 година“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој ја нагласи важноста на следните избори во Унгарија во 2026 година, нарекувајќи ги пресудни за прашањето на војната и мирот.
„Ако не ја изградивме оградата во 2015 година, мигрантите веќе ќе беа тука. Ако донесеме погрешна одлука во 2026 година, ќе биде предоцна да ја поправиме до следните избори во 2030 година. Играта нема да заврши добро. Кој сака мир, нека ни се придружи“, заклучи унгарскиот премиер.

