Светот се соочува со закана од масовна хуманитарна криза доколку сообраќајот низ Ормускиот теснец не биде итно воспоставен, предупредува Работната група на Обединетите нации. Според проценките на експертите, околу 45 милиони луѓе се изложени на ризик од глад поради прекинот на транспортните рути за ѓубрива.
Извршниот директор на Канцеларијата на ОН за проектни услуги (UNOPS), Мореира да Силва, посочи дека токму низ овој премин се транспортира една третина од светските резерви на клучни суровини како амонијак, сулфур и уреа.
„Ни преостануваат само неколку недели за да спречиме она што веројатно ќе стане масовна хуманитарна криза“, изјави да Силва за AFP.
Тој објаснува дека проблемот е во строгите рокови на земјоделското производство. Според него, „сезоната на садење не може да чека“, а во дел од африканските земји овие рокови истекуваат за само неколку седмици.
Освен во Африка, блокадата сериозно ќе ја загрози безбедноста со храна и во Азија. Доколку наскоро не се отвори теснецот, ОН предупредуваат дека стабилизацијата на пазарот ќе биде невозможна.
„Ако наскоро не ја запреме причината за кризата, со последиците ќе мораме да се справуваме исклучиво преку хуманитарна помош“, заклучи да Силва.


