Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави нови детали за скандалот со фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која од општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од 16 милиони евра. Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на прес-конференција го откри идентитетот на сопственикот и неговата директна партиска поврзаност.
„Станува збор за извесен Петар Доновски, кој бил член на Избирачки одбор на предлог на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром. Само од оваа општина, неговата омилена фирма добила 22 тендери. Дали сега е јасно зошто постои политичко влијание врз доделувањето на државните пари?“, запраша Огњеновиќ.
Од СДСМ потенцираат дека овој случај е класичен конфликт на интереси и побараа итна реакција од Јавното обвинителство, ДКСК и Финансиската полиција. Според партијата, овој скандал е дополнителен доказ зошто Техничката влада мора да остане како контролен механизам за фер избори.
